Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на денешната собраниска седница во реплика до поранешната министерка Јованка Тренчевска упати остри критики за работењето на претходната влада, оценувајќи дека зад себе оставила сериозни последици врз институциите, економијата и земјоделството.
Петкоска порача дека Тренчевска денес настапува од опозициска позиција, но дека јавноста, како што рече, ја памети и како министерка и како дел од, според неа, најкатастрофалната влада што ѝ се случила на Македонија.
„Колешке Тренчевска, денес зборувате како опозиционер, но за среќа луѓето ве паметат и како министер и како дел од владата, од најкатастрофалната влада којашто ѝ се случила на Македонија. Разликата меѓу тие две улоги, колешке, е што денес како опозиционер можете да ветувате брда и долини, но народот се сеќава дека имавте седум години по кои оставивте хаос од кој последиците ги чувствуваме и денес“, рече Петкоска.
Таа се осврна и на сомнежите за злоупотреби во ИПАРД, нагласувајќи дека, за разлика од претходната власт, актуелната влада не ги прикрива проблемите, туку институциите веднаш реагирале, биле отворени постапки, исплатите биле стопирани, а за случајот била известена и Европската комисија.
„Кога веќе се дрзнувате да говорите за одговорност, ајде да зборуваме за одговорност. За разлика од вас, оваа влада не прикрива проблеми. Се појавија сомнежи за злоупотреби во ИПАРД. Институциите веднаш реагираа, постапки се отворија, исплатите се стопираа. За случајот беше известена Европската комисија. Тоа е разликата меѓу нас и вас. Ние не ги криеме проблемите под тепих, ги отвораме и ги решаваме без разлика за кој човек станува збор“, изјави Петкоска.
Во продолжение, таа ги истакна резултатите на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, оценувајќи дека земјоделството повторно станува двигател на економијата. Според Петкоска, во четвртиот квартал извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, односно Македонија извезува над 450 милиони евра земјоделски производи, а увезува околу 200 милиони евра.
„Ајде да зборуваме и за резултати. Во четвртиот квартал извозот на земјоделски производи е повеќе од двојно поголем од увозот. Македонија извезува над 450 милиони евра земјоделски производи, а увезува околу 200 милиони евра. Тоа се реалните бројки. Земјоделството повторно станува двигател на економијата“, рече Петкоска.
Таа додаде дека оризот за првпат станал стратешка култура и дека државата интервенирала со откуп на ориз и пченица за да им помогне на производителите. Петкоска посочи и дека се поддржуваат младите земјоделци, при што само на последниот повик се пријавиле 254 млади луѓе кои, како што рече, сакаат да останат во Македонија и да живеат од сопствениот труд.
Пратеничката нагласи дека се создаваат и услови за земјоделски задруги, здружување и посилен настап на пазарот. Според неа, министерот Цветан Трипуновски ѝ пречи на опозицијата затоа што е постојано на терен меѓу луѓето.
„Министерот Цветан Трипуновски ви смета, ви боде очи затоа што е нон стоп на терен помеѓу луѓето. А вас, колешке Тренчевска, на терен ниту ве имало ниту ќе ве има. И најважно од сè, денес субвенциите завршуваат кај оние коишто навистина произведуваат. Тоа е суштинската разлика“, порача Петкоска.
