Техеран предлага отворање на Ормутскиот теснец во замена за безбедносни гаранции
Техеран доставил иницијатива до Вашингтон за прекин на војната, во која се предлага и отворање на Ормутскиот теснец, објавува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори запознаени со процесот.
Во предлогот се наведува почеток на директни или посредувани разговори за повторно воспоставување на слободен поморски сообраќај низ стратешкиот премин. За возврат, Иран бара гаранции од САД за запирање на нападите и укинување на блокадите врз неговите морски пристаништа.
Иницијативата предвидува и пошироки преговори за иранската нуклеарна програма, како и можност за олеснување на американските санкции доколку се постигне договор.
Разговори преку посредници и сигнал за преговори
Иранските претставници веќе ги информирале медијаторите дека се подготвени за разговори во Пакистан на почетокот од следната недела, доколку Вашингтон покаже интерес за преговори.
Според истиот извор, Иран му го доставил на Пакистан текстот на новиот предлог за договор за долгорочен прекин на огнот, додека Исламабад продолжува да има улога на посредник меѓу двете страни.
Во меѓувреме, Белата куќа испратила официјална порака до претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, поврзана со можноста за целосно запирање на вооружениот конфликт на Блискиот Исток.
