Бродовите што ќе ги користат рутите низ Ормускиот Теснец кои Техеран ги смета за нелегални може да се соочат со финансиски загуби, штети и ограничувања при идните преминувања. Предупредувањето го упати иранскиот орган надлежен за контрола на теснецот, барајќи од бродските компании да го спречат прекршувањето на воспоставените правила.

„Ова претставува ризик од финансиски загуби и штети за бродот, неговиот сопственик, капетанот и екипажот и сериозно ја ограничува можноста на бродот да транзитира низ Ормуската теснина во иднина“, се наведува во соопштението на иранскиот орган за контрола на Ормускиот Теснец.

Од сопствениците на бродовите се бара да ги преземат сите неопходни мерки за да спречат вакви прекршувања. Доколку правилата ги прекршат изнајмувачите, ограничувањата за идно минување низ теснецот би можеле да се однесуваат на сите бродови на компаниите на кои тие им припаѓаат.

Предупредувањето доаѓа во период кога Иран преку Катар им доставил на Соединетите Американски Држави „седумдневен план“ за обновување на бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека предлогот предвидува Вашингтон да исполни одредени услови пред повторното отворање на теснецот. Според „Волстрит џурнал“, меѓу барањата е и укинувањето на американската поморска блокада.

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли иранскиот предлог.