Искрено, не ми е јасно во кој дел од овие зборови тој другиот разбра дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени под бугарски диктат. Па, ајде ако е толку сигурен веднаш, уште утре нека ги стави на гласање уставните измени. И доста го замајува народот!

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА за Фокус

Случајно или не, оваа колумна ја пишувам токму на 13 јуни – денот кога е убиен Коста Солев – Рацин. Човекот, кој покрај многу други работи, оставил богато творештво зад себе.

Постојат неколку интересни факти од неговиот живот кои лично ме вознемируваат поради тоа што покажуваат дека во тоа време Mакедонците биле храбри и непокорливи. Впрочем, такви сме ние Македонците низ целата наша историја.

Секако, секогаш има исклучоци – предавници.

ЛАЖНИ ВЕСТИ

Но, да се вратам уште малку на Рацин. Имено, времето поминато во затвор за него било период на учење и во тој период со други затвореници Македонци се обидуваат да состават речник на македонски јазик.

Исто така, во еден период од животот бил преокупиран со животот и експлоатацијата на македонскиот народ кога пишувал активно на македонски јазик и така неговата стихозбирка „Бели мугри“ ја издал токму на мајчиниот јазик – македонски. Сето ова се случува пред 1940 година или пред повеќе од 83 години.

Многу години подоцна, двајца лидери седнаа на една лидерска средба каде што зборуваа на македонски јазик, за едниот да не разбере ништо од разговорот. Секако тој е како исклучоците, далеку е тој од Рацин.

Што не успеа да разбере лидерот што го сведувам во групата на исклучоци? Веднаш по средбата излезе претседателот Мицкоски со јасни ставови и во двата предлози приоритет е заштита на македонскиот идентитет.

Многу јасно порача дека ниту еден од 44-те пратеници нема да гласа и да поддржи уставни измени под бугарски диктат. Тоа значи дека нема зошто да ги внесуваме Бугарите во Уставот, кога потоа следуваат чекори во кои тие сакаат да ни го уништат идентитетот.

Искрено, не ми е јасно во кој дел од овие зборови тој другиот разбра дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставни измени под бугарски диктат. Па, ајде ако е толку сигурен веднаш, уште утре нека ги стави на гласање уставните измени. И доста го замајува народот!

Потроши цела недела во лажни вести, приказни, па ќе формирал работни групи да сме се доближеле. Јасен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, имаат два предлози јасно да кажат кој го прифаќаат од двата.

ДРЖАВАТА СЕ РАСПАЃА

Нема што да разговараме понатаму. Сакаат да го зачуваат македонскиот идентитет или не? И второ, ќе се разделат ли со ДУИ и ќе ги испратат во опозиција или не?

Наместо да се занимаваат со економските проблеми што ги има државата, тие шират паника, ставаат во уста зборови што никогаш не биле кажани.

Во меѓувреме, државата се распаѓа. Вработените од Управата за јавни приходи излегоа на штрајк. Бараат повисоки плати. А како и да не побараат? Трошоците за живот, кои оваа влада со погрешните економски политики ги вивна во плафон, се неподносливи.

И наместо да седнат да разговараат, министерот за финансии одби да ги прими вработените од УЈП. Внимавајте, оние истите вработени што го полнат буџетот и што се грижат за наплатата на приходите. Оние истите без кои министерот за финансии ќе нема што да троши.

Спремни се да ја банкротираат државата, да нѐ доведат во ситуација да не може да се сервисираат обврските, кои и без тоа веќе доцнат. И сето тоа за што?

За 10 дена некој да се рекламира, да шири паника и лажни вести што кажал Мицкоски. Е добро де, ќе ве истрпиме 10-15 дена, ама што правиме кога по тие денови уставни измени нема да има?

И како што Коста Солев – Рацин, деновите поминати во затвор ги потрошил во учење, јас ја советувам владата да ги помине деновите до затвор во учење, можеби ќе успеат да намалат некоја година затворска казна ако нешто научат.