Вандализирани фотографиите на штипјаните загинати во пожарот во Кочани
Фотографиите од петтемина млади штипјани кои го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, биле искрешени од страна на непознати сторители. Овие фотографии беа поставени на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип како траен симбол на сеќавањето и почитта кон загинатите.
Роднините со шок и револт ја примија веста
Информацијата до медиумите ја доставија блиски роднини на починатите, кои утринава го затекнале вандализмот. Дел од нив изјавиле дека се шокирани и длабоко повредени од овој чин, за кој велат дека е „недостоен и нечовечки“.
Втор удар врз веќе повредените семејства и заедницата
Во трагедијата што се случи на 16 март, животот го загубија 62 лица, меѓу кои и петтемина штипјани: Филип Стевановски, Александар Коларов, Александар Ефремов, Дамјан Таневски и Филип Ивановски. Нивните фотографии беа поставени на плоштадот како дел од обележувањето на колективната загуба што го потресе целиот регион.
НЕЧОВЕЧКИ, БЕЗОБРАЗНО И НЕКРОФИЛИСКИ: Мицкоски со осуда за злоупотребата на трагедијата во Кочани
Граѓаните и семејствата сега очекуваат од надлежните институции итно расветлување на случајот и откривање на сторителите. Меѓу јавноста преовладува гнев поради вандалскиот чин, кој се доживува како втор удар врз веќе повредените семејства и заедницата.
Извор: Курир