Сензационално и шокантно заврши сезоната за некогашниот фудбалски гигант Бате Борисов, кој денеска и официјално испадна во Втората лига на Белорусија. Клубот што долги години беше симбол на белорускиот фудбал, освојувач на 15 шампионски титули, петкратен учесник во групната фаза од Лигата на шампионите и познат противник кој своевремено ги елиминираше Вардар и Македонија ЃП во европските квалификации, следната натпреварувачка сезона ќе настапува во понизок ранг.
Во фудбалот не се живее од старата слава, а клубот кој со години претставуваше страв и трепет на домашната сцена и респектабилно име во Источна Европа доживеа целосен резултатски крах.
Денеска беше одиграно последното коло од белорускиот шампионат, каде што Бате Борисов одигра нерешено 1:1 против тимот на Ислоч. Освоениот бод сепак не беше доволен за зачувување на прволигашкиот статус, па екипата заврши на претпоследното место на табелата со само 25 освоени бодови, два помалку од составот на Арсенал Џерџинск кој успеа да обезбеди пласман во баражот за опстанок.
Со овој неповолен исход и дефинитивно заврши една успешна и блескава ера на некогашниот белоруски фудбалски првак.
