Односите меѓу Полска и Украина се соочуваат со сериозна криза поради спротивставените толкувања на Волинскиот масакр и одлуките на Киев со кои се величаат припадници на Украинската востаничка армија – УПА. Иако двете земји остануваат стратешки партнери во спротивставувањето на Русија, историските спорови предизвикаа остри реакции во Варшава, најава за изградба на спомен-ѕид и политички судири околу натамошната воена помош за Украина.

Коренот на актуелната дипломатска криза лежи во различното толкување на масовните убиства во Волинија во периодот од 1943 до 1945 година. Полска официјално го определува убиството на околу 70.000 до 100.000 полски цивили како геноцид извршен од Украинската востаничка армија и Организацијата на украинските националисти – ОУН.

За Варшава, прашањето е поврзано со националното достоинство, признавањето на жртвите и потребата од нивна ексхумација. Во Украина, особено во западните делови на земјата, припадниците на УПА често се слават како борци за независност и противници на Советскиот Сојуз. Судирот на овие историски наративи прерасна во една од главните точки на политичкиот раздор, особено откако Киев почна да ги промовира овие личности како херои на современата украинска државност.

Односите дополнително се влошија по неколку потези на администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои во Полска беа доживеани како провокации. Меѓу нив се доделувањето на почесната титула „Херои на УПА“ на украинска воена единица и организирањето погребни церемонии за личности како Андриј Мелник, кој се поврзува со соработка со нацистичка Германија.

Дополнителни реакции предизвикало и враќањето на Орденот на Белиот орел од страна на Зеленски, откако полскиот претседател Карол Навроцки му го одзел одликувањето. Овие настани го натерале премиерот Доналд Туск да најави изградба на „Ѕид на сеќавањето“ во Варшава, во обид да го намали притисокот од десничарската опозиција, која ја обвинува неговата влада дека прави премногу отстапки кон Киев.

Историскиот спор почна да влијае и врз воената помош и безбедносната политика на Полска. Опозициските партии, меѓу кои и Конфедерација Слобода и Независност, предводена од Кшиштоф Босак, ја критикуваат Владата поради испораката на ракети „Патриот“, од типот PAC-3, за Украина.

Опозицијата тврди дека со таквата помош Полска ги загрозува сопствените одбранбени капацитети, особено поради близината на рускиот регион Калининград. Притисокот го натера министерот за одбрана Владислав Косинјак-Камиш да соопшти дека Полска досега потрошила 16,45 милијарди злоти, односно околу 3,8 милијарди евра, за помош на Украина.

Косинјак-Камиш се обидел да покаже дека полската поддршка е координирана со НАТО и со Соединетите Американски Држави. Сепак, објавувањето на сумата дополнително ја засили политичката расправа за тоа дали Варшава треба да продолжи со досегашното ниво на воена помош.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предупреди дека Русија активно ги користи историските тензии за да го поткопа сојузништвото меѓу Варшава и Киев. Според него, руската пропаганда и мрежите од онлајн-тролови ги разгоруваат емоциите околу трагедиите од минатото за да го дестабилизираат источното крило на НАТО.

Сикорски повика на зрелост и помирување, нагласувајќи дека заедничкиот стратешки интерес на Полска и Украина е спротивставувањето на рускиот империјализам. Сепак, политичките претставници од двете земји честопати користат националистичка реторика за краткорочна политичка корист, со што долгорочно го загрозуваат единството пред заедничката закана.

И покрај обидите за дијалог, меѓу кои и средбата на маргините на самитот на НАТО во Анкара на 8 јули 2026 година, разликите остануваат длабоки. Полска инсистира дека признавањето на историската вистина е предуслов за целосно партнерство, додека Украина се обидува да изгради национален идентитет кој во одредени сегменти се судира со полските очекувања.

Спорот покажува дека историските трауми можат да бидат искористени за политичка дестабилизација дури и во услови на војна и заедничка безбедносна закана. За Украина, која се стреми кон членство во Европската Унија, прашањето претставува тест за нејзината способност да се справи со спорните делови од минатото. За Полска, главниот предизвик е да ја усогласи својата безбедносна политика со домашните барања за историска правда.