Италијанската влада ќе го забрза издавањето дозволи за истражување и дупчење, со цел да го зголеми домашното производство на нафта и природен гас. Со мерките Рим настојува да ја намали зависноста од увоз и да ја зајакне енергетската безбедност на земјата, соопшти премиерката Џорџа Мелони.
Новите правила предвидуваат забрзување на постапките за издавање дозволи. Доколку локалните власти не донесат одлука во предвидениот рок, ќе може да бидат назначени специјални комесари што ќе ја продолжат и забрзаат постапката.
„Сакаме да го зголемиме домашното производство на нафта и гас, бидејќи нема многу смисла да ја купуваме оваа енергија од странство кога можеме да ја произведуваме и во Италија“, изјави Мелони.
Италија годишно произведува околу 29 милиони барели сурова нафта, најмногу во јужниот регион Базиликата. Земјата произведува и околу три милијарди кубни метри природен гас годишно, но домашното производство покрива само мал дел од нејзините вкупни потреби.
Одлуката е донесена во период на раст на цените на енергијата поради војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран и нарушувањата во снабдувањето преку Ормускиот Теснец.
Пред почетокот на конфликтот, низ овој стратешки поморски премин се одвиваше околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас.
Италија во голема мера зависи од природниот гас, кој се користи за производство на речиси половина од електричната енергија во земјата. Тоа е највисок удел меѓу земјите членки на Европската Унија.
Владата предводена од Мелони во март привремено ги намали акцизите за горивата, со цел да го ублажи растот на цените. Важењето на мерката беше продолжено и вчера.
