Сите што доаѓаат од ЕУ ќе треба да направат тест пред поаѓање, да бидат во петдневен карантин и да го повторат тестот потоа, што веќе е во сила за земјите што не се членки на ЕУ. Оваа мерка важи за сите оние кои заминуваат и доаѓаат на полуостровот, дури и за италијанските граѓани, додаде Министерството одговарајќи на прашањето на агенцијата „Франс прес“.

Но, сè уште не е познато кога мерката ќе стапи на сила, а за велигденскиот викенд, кој започнува во сабота и завршува во понеделник, странските туристи традиционално доаѓаат во Италија.

Поголемиот дел од земјата во моментов е под строги епидемиолошки мерки за запирање на третиот бран на пандемијата (баровите и рестораните се затворени за посетители, движењето е ограничено…).

Покрај тоа, целиот полуостров ќе биде прогласен за црвена зона со висок ризик од зараза и со најголеми можни ограничувања за време на велигденскиот викенд. Пандемијата досега уби повеќе од 108.000 луѓе.