Изборните реформи влегуваат во завршна фаза, соопшти Министерството за правда по денешната седма седница на Работната група за изборни реформи.
Следната седница е закажана за 12 јуни, по што законските измени треба да бидат финализирани и доставени во понатамошна процедура.
Од Министерството ги демантираат наводите на Дејанчо Цветановски од ЛДП, кој тврди дека процесот оди во лоша насока и дека големите политички партии зад кулисите се обидуваат да го заштитат својот монопол.
Министерството оценува дека е нејасно како Цветановски зборува за процес што, според него, се водел „зад затворени врати“, кога тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.
„Работната група функционира транспарентно, со учество на претставници на парламентарните политички партии и независни пратеници. Секој предлог, и од институциите и од граѓанскиот сектор, е разгледуван и дискутиран, а процесот се води исклучиво во насока на усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, соопшти Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека процесот се одвива во дух на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата.
