Адмир Шабани во одбрана, Дритон Сулејмани во образование

Собранието на Северна Македонија во рамки на 90. седница денеска со 71 глас „за“ и 11 „против“ ги избра новите заменици министри. За заменик министер за одбрана е избран Адмир Шабани, додека за заменик министер за образование и наука е избран Дритон Сулејмани.

Мицкоски: Изборот е дел од зајакнување на институциите

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, нагласи дека изборот на двајцата заменици министри не претставува само кадровска одлука, туку дел од поширок процес на зајакнување на институциите и обновување на довербата во државата.

Мицкоски: Шабани и Сулејмани со својата работа и посветеност ќе придонесат за зајакнување на институционалниот капацитет

„Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе кои имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе кои ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани“, рече Мицкоски.

Критики од опозицијата во собраниската дебата

Во текот на расправата, премиерот одговори и на критиките од пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците, кој го оспори предлогот за избор на заменици министри, но и работата на Владата.

„Народот ви даде кредит, и вие треба да ги исполните ветувањата“, рече Снопче, посочувајќи забелешки за реализацијата на програмата на владејачките партии. Тој истакна дека потрошувачката кошничка и цената на енергијата се повисоки од претходно, како и дека нема напредок во правосудството, а се осврна и на меѓуетничките односи, криминалот и корупцијата.