Партиите ги усогласуваат ставовите, но не можат да ги усогласат сите ставови, пред се, како што кажа Заев, заради реакциите што ги има од страна на Левица, дел од владејачките и дел од опозициските партии.
-Претседателот на Собранието ме информира дека со последните измени со отисок од прст и со измените на ОБСЕ/ОДИХР законот ќе остане таков каков што е за да нема замерки дека во „пет до 12„ нешто се прави, а притоа тоа би било само блокада на законското решение. Законското решение ги потврдува поволностите на независните листи, значи прагот останува ист, ги дава сите досегашните можности на конституирање на кандидатските листи за советници и градоначалници, ја зголеми транспаретноста и одговорноста заради вградените препораки од ОБСЕ/ОДИХР, првпат ќе се гласа со отисок од прст во државата што е гаранција за фер и демократски избори и верувам дека таков исчекор ќе продолжиме и натаму да правиме, рече Заев, кој беше во Кривогаштани.
Оние други измени кои останаа, како што кажа, а се по препорака на ОБСЕ, на опозициските партии и на дел од медиумите ќе останат да бидат вградени во Изборниот законик по изборите.
-Една од нив беше да се нивелира процентот за независни листи, и веројатно ќе се донесе еден процент или пониско од еден процент за да биде еднакво за сите општини, имавме други сугестии кои доаѓаа пред се од опозициските партии, но и од медиумите за политичкото рекламирање, што остануваат веднаш после изборите, но сега одиме со овие законски решенија кои исто така се соодветни, но унпаредувањето од тој аспект ќе го продолжиме после изборите. Конечна е одлуката на Парламентот, јас само ја споделувам последната информација од претседателот на Парламентот со кој имав можност да поразговарам во петокот додека славевме 20 години Охридски рамковен договор, нагласи Заев.
СДСМ, следната недела најдоцна до 25 август, ќе ги соопшти кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори.
-СДСМ и коалицијата на централно ниво троши доста време за да ги најде најдобрите кандидати, второ, рамномерната застапеност на советничките листи исто така за да можеме конечно да оставиме доволно време за поднесување на советничките листи согласно Роковникот на ДИК, рече Заев.
Во однос на поддршката на кандидати на ДУИ и другите партии на Албанците на изборите, тој кажа дека со ДУИ имаат финален договор дека ќе се поддржуваат во првиот или во вториот круг, во зависност од кандидатите.
Не сакаше да коментира околу кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што кажа, тие го дематирале она што било објавено во јавноста, така што ќе чека официјално да бидат соопштени нивните имиња.