Денешните избори донесоа двојна победа за ВМРО-ДПМНЕ. Македонија добива жена претседател, обидот за бојкот на ДУИ не успеа и Гордана Силјановска Давкова ќе се всели на „Вила Водно“.
Идниот премиер на Македонија, Христијан Мицкоски се обрати и на плоштад „Македонија“.
– Ние друга татковина немаме. Вие бевте наша инспирација да издржиме целиот овој период. Одбравме да биде тешко, но да не биде срамно. Не смее да биде срамно. Затоа радувајте се, упати порака лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од центарот на Скопје каде се собраа огромен број граѓани да ја прослават двојната победа.
Се огласи и Гордана Силјановска Давкова.
„Се прашувам неколку часа, со што ја заслужив оваа чест, јас знам дека се подготвував, знам дека се посветив на кампањата, знам дека го зборував она што го мислев, а не она што некој очекува да го слушне, наградата е непроценлива за мене“, рече Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова рече дека оваа позиција значи за неа голема одговорност, а додаде дека ќе биде претседател на сите граѓани.
„Тврдам дека од овој момент, овде, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани“, истакна Гордана Сиљановска – Давкова.
По преброени 95 отсто од гласовите, резултатите се следниве:
1. КОАЛИЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА – СДСМ
146.016 гласови
15,27 отсто
2. Коалиција „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ ВМРО- ДПМНЕ
412.419 гласови
43,13 отсто
3. Коалиција ХРАБРО ЗА МАКЕДОНИЈА – ГРОМ
4.491 гласови
0,47 отсто
4. Коалиција „ЕВРОПСКИ ФРОНТ’’
133.893 гласови
14,00 отсто
5. Политичка Партија ЛЕВИЦА
64.727 гласови
6,77 отсто
6. КОАЛИЦИЈА ВЛЕН
104.240 гласови
10,90 отсто
7. Движење ЗНАМ – За Наша Македонија
50.771 гласови
5,31 отсто
Од помалите политички партии Данела Арсовска освои 3.319 гласови на ниво на цела Македонија.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Ова се 11-ти парламентарни избори од независноста на државата.