Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини, во соопштението до јавноста, за новите дресови кои наликуваат на албанските, ја нападна германската компанија за производство на спортска опрема.
Од „Јако“, пак, ексклузивно за СПОРТ1.мк, доаѓа сосема поинаква верзија на целата приказна.
Луѓето од ФФМ нѐ известија во текот на вчерашниот ден дека не сакаат вашиот национален тим да игра на ЕВРО 2021 во новите дресови со Балканскиот рис. ЈАКО воопшто не го очекуваше ова. Според ФФМ, главна причина за револтот во јавноста е бојата на дресовите. Во моментот кога Македонија се пласира на ЕП, од ФФМ од нас побараа дрес со специфичен дизајн со Балканскиот рис и тоа во – бордо боја. Ние го произведовме дресот точно како што од нас беше побарано и го презентиравме на 28 мај, изјави за спортскиот портал Нико Вагнер, задолжен за односи со јавноста во ЈАКО.