Министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека новиот закон за високо образование не ја загрозува автономијата на универзитетите и дека измените се направени во согласност со барањата на академската заедница.
Во телевизиско гостување, таа појасни дека се направени отстапки во однос на составот на управувачките тела, особено кај Универзитетскиот совет.
„Наместо тројца, Владата ќе има двајца претставници, додека еден член ќе доаѓа од стопанските комори. Ректорите на државните универзитети немаа забелешки за автономијата“, изјави Јаневска.
Таа посочи дека се прифатени и барањата за прилагодување на критериумите за избор во звања, со разлика меѓу општествените и техничките науки.
„Намаливме по еден труд за избор и реизбор, а овозможивме и користење на дополнителна научна база покрај СКОПУС. При првиот следен избор, дел од критериумите, како импакт факторот и Х-индексот, нема да се применуваат“, рече министерката.
Дополнителни отстапки се направени и за уметничките универзитети, со цел да не се соочат со недостиг на кадар.
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го предлог-законот, изјави дека претходното законско решение од 2018 година нанело штети врз високото образование.
Тој додаде дека дел од критиките за новите измени се политички мотивирани и повтори дека автономијата на универзитетите останува заштитена.
