-Денес имав обраќање на меѓународната конференција за борба со корупцијата каде што пред колегите од OSCE Parliamentary Assembly, меѓу другото, истакнав дека гледајќи ги донесените закони произлегува дека Македонскиот парламент ја остварува својата улога во спречувањето и борбата против корупцијата, истакнува Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата изјава:

Сепак, според индексот за перцепеција на корупцијата на Transparency International, Македонија во моментов се наоѓа на 87-то место од 180 држави со 39 индексни поени, минатата година беше на 111-то место од 180 држави со 35 индексни поени. Само за споредба, во 2014 година се наоѓаше на 64-то место со 45 поени.

Последното истражување на National Democratic Institute покажува дека 1/3 од граѓаните верува дека државата се движи во погрешна насока во целина, наведувајќи ги криминалот, корупцијата, лошото владеење и личниот интерес на политичарите како главни фактори.

63% од граѓаните се незадоволни од борбата против корупцијата, а 58% не ги гледаат владините мерки за ефективни.

Недовербата во судовите е 65%, а во јавното обвинителство 62%. Јавноста ги гледа судовите и јавното обвинителство како најкорумпираните институции во државата на кои најмногу им треба реформи.

Понатаму, пред колегите зборував за надзорните расправи во Македонскиот парламент и ги информирав дека, за жал, за разлика од парламентарните мандати 2008-2011 и 2011-2014, кога беа одржувани по 5 надзорни расправи, во тековниот парламентарен состав е започната и истата не е завршена – само 1 надзорна расправа.