„Ѕид на срамот“ како нов механизам против плагијаторството

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави воведување т.н. „ѕид на срамот“ како нова алатка во борбата против плагијаторството во високото образование. На брифинг со новинарите, таа посочи дека актуелниот софтвер Плагијати.мк е застарен и дека од идната година јавно ќе се објавуваат случаи на плагијати – од дипломски до магистерски трудови.
„И мене како професор би ми било срам да ставам потпис на нешто што не вреди“, изјави Јаневска.

Нов закон за високо образование и промени за професорите и студентите

Со новиот Закон за високо образование, кој деновиве ќе биде објавен на ЕНЕР, професорите и по изборот во редовно звање ќе мора повторно да поминат низ изборна постапка по шест години, по што дури ќе стекнат трајно вработување. Министерката најави и измени кај студентското организирање, според кои изборите за факултетските студентски собранија повеќе нема да ги распишуваат деканите, туку самите студенти. Само доколку тие не успеат, изборите ќе ги организираат деканите.

Инфраструктура, дигитализација и зголемување на платите

Во однос на инфраструктурата, Јаневска информираше дека новите објекти на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура, во близина на Ректоратот на УКИМ, ќе бидат поврзани со мост. Анализата ја изработиле професори од Градежниот, Архитектонскиот и Електротехничкиот факултет, а веќе е објавен тендер за репроектирање.

Во делот на дигитализацијата, министерката потврди дека и годинава за упис во средно образование родителите ќе мора физички да ги доставуваат документите, иако аплицирањето се врши електронски. Таа најави постепено воведување електронски свидетелства, со крајна цел целосно укинување на хартијата. За електронскиот дневник посочи дека функционира стабилно, а дигитализирани се и повеќе услуги на МОН, меѓу кои стипендии, сместување во студентски домови и нострификација на свидетелства.

Како добра вест за наставниот кадар, Јаневска го најави и зголемувањето на платите од 7 до 10 проценти во март.