Задоволен од досега сработеното, но сепак смета дека секогаш има простор за подобрување. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ќе ја бара по вторпат довербата од граѓаните да ја предводи општината. Во интервју за Курир вели дека повторната кандидатура е поттик за поангажирана и поодговорна работа. Проектите и приоритетите ги добива и од граѓаните на средбите со нив. Какви се’ проекти планира Јорданов за подобар живот на штипјани, прочитајте во интервјуто.

Го завршувате мандатот како градоначалник на Општина Штип, а од матичната партија ја добивте довербата за нова кандидатура за локалните избори наесен. Како ги оценувате овие четири години, колку сте задоволен од реализираното на она што го ветивте во програмата на минатите избори?

Јорданов: Четиригодишниот мандат како градоначалник на Општина Штип го гледам како период исполнет со посветена работа, многу предизвици, но и конкретни резултати. За мене, новата кандидатура претставува голема чест, но уште поголема обврска пред граѓаните кои ми ја дадоа довербата. Искрено сум благодарен на мојата матична партија за поддршката, но најважната поддршка секогаш доаѓа од штипјани, со кои секојдневно го делам животот, проблемите и надежите. Во овој мандат се потрудивме да реализираме значаен дел од тоа што го ветивме. Реализиравме многу проекти, обновивме и унапредивме урбани простори, вложувавме во инфраструктурата, работевме на подобрување на условите за живот во сите делови на градот и во населените места. Секако, и покрај сработеното, секогаш има простор за подобрување. Тоа сознание е нашиот најголем поттик да продолжиме понатаму, уште поангажирано и поодговорно. Јас не ја доживувам оваа кандидатура како политичка амбиција, туку како продолжение на обврската да им служам на градот и на граѓаните. Верувам дека со чесна работа, со отвореност и со постојан дијалог, можеме да направиме уште повеќе. Штип заслужува да биде град во кој секој ќе има пристап до квалитетни услуги, инфраструктура и услови за достоинствен живот.

Какви предлози доаѓаат до вас од средбите со граѓаните? Што тие најчесто истакнуваат и колку ваквите средби влијаат за тоа во која насока ќе се развива општината и ќе се креира локалната политика?

Јорданов: Средбите со граѓаните се еден од најзначајните аспекти на мојата работа. Тие ми овозможуваат да го почувствувам вистинскиот пулс на секое населено место, да слушнам што навистина им треба на луѓето и какви се нивните приоритети. Можам со сигурност да кажам дека токму од тие разговори произлегуваат највредните идеи и насоки. Предлозите што ги добиваме од граѓаните се разновидни … од конкретни предлози за инфраструктурни зафати до иницијативи поврзани со животната средина, образованието, спортот, културата и грижата за ранливите категории. Луѓето најчесто укажуваат на она што им недостасува во нивното секојдневие, но истовремено носат и конструктивни идеи како тоа да се подобри. Тие се коректори, понекогаш со критика што е сосема оправдана, но и со иницијативи што се вредни и изводливи. Верувам дека довербата се гради токму преку оваа отворена комуникација. Затоа сметам дека Општината има обврска постојано да биде достапна, да слуша, да учи и да работи во интерес на граѓаните. Ваквите средби не се само форма туку суштински дел од процесот на носење одлуки. Тие директно влијаат врз насоката по која се движи општината и ни помагаат локалната политика да ја креираме реално, од терен, со луѓето, а не од канцеларија.

Со средства од унгарскиот кредит започна изградбата на обиколницата, но планирани се и други проекти. Кои се’ проекти се планираат во Општина Штип со пари од овој заем?

Јорданов: Започнувањето на изградбата на обиколницата е еден од најважните инфраструктурни проекти во нашиот град во последните години. Овој проект ќе ја растовари сообраќајната гужва во централното градско подрачје и ќе придонесе за побезбедно и побрзо поврзување со регионалните патишта. Средствата обезбедени преку унгарскиот кредит ни овозможуваат да реализираме неколку капитални проекти кои значително ќе го унапредат животот во Штип. Покрај обиколницата, во рамки на овој заем се планираат и други важни инвестиции. Меѓу нив се изградбата на пристапна улица која ќе овозможи полесен и побезбеден пристап до Клиничката болница, поставување на урбана опрема за уредување на парк во близина на бањата Кежовица со цел создавање атрактивен зелен простор, како и конзерваторско-реставраторски работи и делумна реконструкција на акрополот на тврдината Исар, што ќе помогне во зачувувањето на културното наследство и зголемувањето на туристичката понуда.

Планирана е и изградба на кружна крстосница на една од главните булевари за подобрување на сообраќајната безбедност и проточност, како и воведување на современ СКАДА систем за водоснабдување, кој ќе овозможи автоматизација и подобро управување со водоводната мрежа преку интеграција со ГИС технологии. Дополнително, во план е и изградба на дел од значајна сообраќајница која ќе придонесе за подобрување на урбаната инфраструктура во општината. Секој од овие проекти е внимателно избран врз основа на реалните потреби на граѓаните и заедницата. Со овој заем имаме можност да вложиме во развој што е одржлив и корисен за сите жители на Штип. Верувам дека овие инвестиции ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот, и ќе постават цврсти темели за идниот развој на нашиот град.

Клиничка болница Штип, голем проект значаен за сите граѓани од Истокот. Какви се плановите за дозавршувањето на болницата која треба да биде столб на здравството во овој дел од Македонија?

Јорданов: Клиничката болница во Штип претставува проект од огромно значење за нашиот град и целиот источен регион. По долги години на занемарување и недоволно внимание од претходната власт, искрено сум среќен што актуелната Влада ја препозна важноста на овој Клинички центар и инвестира во неговата целосна доизградба и модернизација. Во рамки на оваа инвестиција, вредна околу 150 милиони евра, не се планира само изградба на нова клиничка болница, туку и целосно нов објект за Медицинскиот факултет и студентски дом, кои ќе бидат дел од истиот комплекс. Ова значи силна поддршка за образованието на идните здравствени работници и создавање современа здравствена инфраструктура која ќе овозможи квалитетна и достапна здравствена услуга. Плановите се фокусирани на брзо и квалитетно завршување на сите фази на проектот, со обезбедување на современа медицинска опрема и услови за развој на здравствениот кадар. Ова е чекор напред кон тоа Штип и целиот источен регион да добијат здравствен центар што ќе биде вистински столб на медицинската грижа. Верувам дека со посветена работа и континуирана поддршка, овој проект ќе се реализира во најкус можен рок и ќе донесе големи придобивки за сите граѓани од Истокот.

Кои проекти за Општина Штип ги планирате во програмата за претстојните избори?

Јорданов: Со измените во општинскиот буџет, од септември започнуваме со реализација на шест значајни инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за подобрување на урбаната слика на Штип и за поквалитетен живот на нашите граѓани. Најобемниот проект е реконструкцијата на булеварот кој води кон влезот на градот од населбата Три Чешми. Со оваа реконструкција ќе се подобри сообраќајниот проток и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Покрај тоа, во тек се подготовките за конзервација и обнова на тврдината Исар, која е културно-историски симбол на Штип. Во рамки на проектот ќе изградиме три нови куполи со цел да го зачуваме и афирмираме овој споменик како туристичка атракција. Исто така, планираме воведување на современ СКАДА систем за следење на водоснабдителниот систем во сите населени места на општината. Ова ќе овозможи побрзо и поефикасно детектирање на евентуални загуби на вода, што е од голема важност за рационално користење на овој ресурс. Во план е и уредување на нов парк на локацијата Кежовица кој ќе зафаќа околу 18.000 квадратни метри, како и продолжување на изградбата на пешачко-велосипедската патека, што ќе придонесе за создавање на повеќе зелени и рекреативни површини за граѓаните. Дополнително, ќе го реализираме проектот за поврзување на улиците Тодор Коларов и Мирче Ацев, со што ќе се растовари сообраќајниот метеж во тој дел од градот. Шестиот проект е изградбата на кружен тек на булеварот Партизанска, кај објектот на ЕВН, што ќе ја подобри безбедноста и протокот на сообраќајот. Со овие проекти, нашата цел е да му дадеме на Штип сосема нов урбан изглед и подобри услови за живот на сите наши сограѓани.

Нови пешачки патеки, улици и булевари. Поставувате и светлосна сигнализација на пешачките премини во Штип. Има ли нови проекти за следните четири години, доколку ја добиете поддршката од граѓаните, за поголема сообраќајна безбедност?

Јорданов: Сообраќајната безбедност е една од темите на кои постојано и сериозно се посветуваме. Верувам дека грижата за безбедно движење, особено на децата и пешаците, треба да биде континуиран процес кој се гради со време, со внимателно планирање и со одговорност. Изминативе години преземавме повеќе активности во оваа насока. Изградивме нови пешачки патеки, реконструиравме улици и булевари и поставивме светлосна сигнализација на неколку локации каде тоа беше најнеопходно. Дел од сообраќајните решенија што веќе беа споменати претходно се само дел од една поширока визија. Идејните проекти и плановите што ги разгледуваме се насочени кон подолгорочни решенија, со кои Штип ќе стане побезбеден и поорганизиран град за сите учесници во сообраќајот. И во наредниот период, доколку ја добијам повторно поддршката од граѓаните, ќе продолжиме да работиме на создавање на нови, функционални и современи решенија. Безбедноста не е нешто што се постигнува со еден потег. Таа бара постојано следење на состојбите на терен, соработка со стручни служби и искрено слушање на потребите на граѓаните. Целта ни е Штип да стане град во кој движењето ќе биде сигурно, каде што ќе постои јасна сигнализација, добро осветлени улици и инфраструктура што нуди еднаков пристап за сите.

Штип може да се пофали со голем број спортски успеси и титули на локалните клубови и поединци. Ќе има ли вложувања во спортот и спортската инфраструктура од страна на општината? По примерот на ФК Брегалница, точно ли е дека има најави за странски инвестиции во локалните клубови?

Јорданов: Спортот е една од важните области на кои постојано им посветуваме внимание и инвестирање. Во изминатиот период започнавме со целосно уредување на градскиот стадион во Штип кој ќе ги задоволува светските стандарди за фудбалски објекти. Во рамки на овој проект предвидена е изградба на модерни трибини кои ќе овозможат комфор и безбедност за сите љубители на спортот. Покрај тоа, во завршна фаза е и спортскиот центар „Џексон“ кој ќе има капацитет од илјада гледачи и ќе биде наменет за одржување на кошаркарски, одбојкарски, ракометни натпревари, но и други спортски настани. Исто така, во план е и изградба на сала за боречки вештини која ќе ги збогати спортските капацитети во општината и ќе овозможи услови за тренинг и натпреварување на највисоко ниво. Во однос на потенцијалните странски инвестиции во локалните спортски клубови, можам да кажам дека постојано се разговара за можности за подобрување на спортските услови и развој на клубовите. Општината секогаш е отворена за нови соработници и партнери кои ќе го дадат својот квалитет и ќе имаат значаен придонес во развојот на спортот во Штип. Нашата цел е спортот да продолжи да биде гордост на општината и да обезбедиме услови за талентираните спортисти да ги остварат своите соништа.

Преземено од Курир