Истражување откри каде иселениците имаат најдобар квалитет на живот

Сè повеќе луѓе се одлучуваат да живеат и работат надвор од својата земја, а ново истражување откри кои градови нудат најдобри услови за иселениците. Според анализата на „Глобал Ситизен Солушнс“, Лисабон е прогласен за најдобар град за живот на иселеници во светот.

Истражувањето опфатило 35 градови од шест континенти, а оценувањето било направено според неколку клучни критериуми. Меѓу нив се трошоците за живот, безбедноста, квалитетот на воздухот, здравствената заштита, лесното прилагодување, познавањето англиски јазик и мобилноста.

Најголемо влијание во рангирањето имале безбедноста и здравствениот систем.

Според податоците на Обединетите нации, повеќе од 300 милиони луѓе денес живеат надвор од државата во која се родени. По пандемијата дополнително се зголемил бројот на дигитални номади и луѓе кои работат од далечина.

Лисабон пред Амстердам и Мелбурн

Португалската престолнина се најде на врвот поради добриот баланс меѓу трошоците за живот, безбедноста и квалитетот на живот.

Истражувачите наведуваат дека Лисабон нуди пониски животни трошоци во споредба со градови како Амстердам и Виена, а истовремено има висок степен на познавање англиски јазик и добар квалитет на воздухот.

Воедно, Португалија нуди и јасни правила за добивање дозвола за престој, што ја прави привлечна за дигитални номади и странски работници.

На второто место е Амстердам, кој добил високи оценки за безбедност, здравствена заштита и инфраструктура. Холандскиот град е познат и по тоа што пешачењето и велосипедизмот доминираат во секојдневниот сообраќај.

Сепак, високите трошоци за живот остануваат негов најголем недостаток.

Третото место му припадна на Мелбурн, кој е единствениот град надвор од Европа меѓу првите пет. Градот е пофален за квалитетот на живот, чистиот воздух и стабилниот систем.

Пет европски градови во светскиот топ 10

Во првите десет најдобри градови за иселеници се најдоа дури пет европски метрополи:

  1. Лисабон
  2. Амстердам
  3. Мелбурн
  4. Виена
  5. Барселона
  6. Сингапур
  7. Оукленд
  8. Токио
  9. Копенхаген
  10. Сеул

Истражувањето покажува дека европските градови и понатаму остануваат меѓу најатрактивните дестинации за живот поради безбедноста, здравствената грижа и квалитетната инфраструктура.