Со положување цвеќе и краток историски час денеска во спомен-паркот во месноста Свиланово кај кочанското село Рајчани беше одбележана 117-годишнината од загинувањето на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.
На свеченоста присуствуваа делегации од општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево, членови на Здружението на борците, претставници од Основното училиште „Никола Карев” од Кочани, членови на извидничкиот одред „Ластовица” и други гости, кои му оддадоа почит на македонскиот револуционер.
-И годинава со гордост се сеќаваме на делото што го направија Карев и неговите соборци и затоа со длабока почит ја изразуваме нашата благодарност, со постојано укажување на новите генерации за значењето и улогата во македонската револуционерна борба. Сеќавањето на Карев на овој 27 април, токму овде во Свиланово, нека биде потсетник за сите дека јасната мисла за сопствен идентитет постоела од многу одамна, беше истакнато на историскиот час.
Во рамки на одбележувањето на годишнината од смртта на Карев, цвеќе беше положено и на неговиот споменик во Паркот на Револуцијата во Кочани. Свечена програма со рецитал и музички точки се одржа во ОУ „Никола Карев”, кое ја одбележува и 65-годишнината од своето постоење.