Комплетирани се дигиталните катастарски планови во државава откако во централната база се внесени податоците за последната катастарска општина – К.О. Тетово 2. и е создадена платформа за систем на географски информации засновани на интернет (WEB GIS).
Агенцијата за катастар на недвижности информира дека со оваа платформа се врши размена и дистрибуција на податоци и таа овозможува целосна покриеност на територијата на државата со основни сетови на дигитални просторни податоци.
Дигитализацијата на катастарските планови претставуваше процес на усогласување на графичката со алфа-нумеричката база на податоци и прочистување на техничките грешки кои се резултат од одржување на катастарот на недвижности во две засебни бази на податоци – наведува АКН во објава на својата веб страница.
Крајната цел на проектот за дигитализација беше интеграцијата на графичката база на податоци на дигиталните катастарски планови, со алфа-нумеричката база на податоци во една единствена централизирана база на податоци и тоа за сите катастарски општини на територија на државата.
Како завршница на овој долготраен и комплициран процес на дигитализација на катастарските планови на територијата на целата држава, на 16.4.2024 година во централната база на податоци се внесени податоците за последната катастарска општина – К.О. Тетово 2. Сега и од оваа катастарска општина ќе може да се обезбедат податоците, како што се извод од катастарски план и имотен лист, преку веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, во делот на ОССП дистрибутивниот геопортал – наведува Катастарот во објава на својата веб страница.