Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски е во работна посета на Подгорица, Црна Гора, каде оствари средби со премиерот Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надоврешни работи, Филип Ивановиќ, како и со министерот за транспорт, Радош Зечевиќ.

Николоски посетата ја оцени како богата со продуктивна агенда, истакнувајќи дека на средбата со соговорниците разговарале за блиската соработка меѓу Македонија и Црна Гора.

-Разговаравме за поврзувањето. Веќе почнавме да го градиме автопатот Скопје – Блаце, кој што значи отворање на Македонија кон трето пристаниште – тоа е отворање кон пристаништето Бар, покрај пристаништето Солун кон кое што имаме и автопатска и железничка конекција и покрај пристаништето Драч, каде што во моментот градиме и автопатска и железничка конекција. Исто така, со изградбата на автопатот од Скопје до Блаце зборуваме и за поврзување со пристаништето Бар.

Исто така, зборувавме и за авионското поврзување и очекувам во многу кратко време да се потпише договор којшто ќе значи директен лет помеѓу Скопје и Подгорица, со што ќе имаме уште еден главен град со којшто сме поврзани. Тоа многу ќе помогне за развојот на туризмот, но исто така и за развојот на бизнисот и конекцијата помеѓу двете држави. Аеродромите и во Скопје и во Подгорица растат и ова е добар начин да продолжиме да соработуваме и да продолжат да растат двата аеродроми, изјави Николоски.

Посочи дека се разговарало и за заеднички настап пред европските фондови и пред европските банки во делот на финансирањето, пред сè во делот на интелигентни транспортни системи и поврзување на коридорите, а збор станало и за соработката помеѓу двете држави во делот на политиката и економијата.

-Сè на сè, една плодна средба од којашто се враќаме дома со нова авиолинија, како и со убава вест дека автопатот којшто го градиме Скопје – Блаце ќе значи поврзување и со пристаништето Бар, изјави Николоски.