Средношколецот Мајкл Георгиевски, кој го освои првото место на Државниот натпревар по физика, што се одржа на 29 април оваа година на ПМФ во Скопје, денеска беше примен од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
– Градоначалникот Јанчев и претседателот на Советот на општината Кавадарци, д-р Стојанче Рамов, имаа средба со Мајкл Георгиевски, ученик кој има континуиран успех во областа на природно математичките науки, придружуван од директорката на СОУ Гимназија ,,Добри Даскалов’’, Јасминка Чулева. Повод на денешната средба беше освоеното прво место на Државниот натпревар по физика кој се одржа на 29 април оваа година на ПМФ во Скопје, појаснија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа дека Георгиевски континуирано секоја година освојува награди и признанија, продолжува да се истакнува со своите знаења.
– Неговите успеси тоа го потврдуваат и секако нашиот град, а и Гимназијата имаат со што да се гордеат. Градоначалникот Митко Јанчев и претседателот на Советот ја изразија нивната поддршка и гордост и во знак на тоа му доделија плакета за континуиран успех во природно математичките науки. Сите му посакуваме среќа на Мајкл и уште поголеми успеси во иднина, додадоа од кабинетот на градоначалникот.