Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Скопското Кале заслужува да добие нов лик и функционалност, со цел да се претвори во значајна туристичка атракција и да придонесе за културната понуда на главниот град. Тој очекува во периодот што следува да се надминат досегашните предизвици и локалитетот да биде уреден во соработка со надлежните институции.
„Има многу работи коишто треба да се средуваат една од тие е и Скопското Кале. Знаете дека успеавме да излеземе од тие предизвици поврзани со Скопје – европска престолнина на културата. Очекувам во периодот којшто следи практично калето да го добие оној лик и функционалност каква што ја заслужува, тоа е она што ќе биде наша цел како Влада заедно со институциите коишто се за различни делови надлежни. Очекувам кога сето ова ќе биде завршено да имаме навистина исклучително квалитетен објект во Скопје којшто ќе претставува една од неколкуте исклучително ретки и важни туристички атракции тука во Скопје, рече премиерот Христијан Мицкоски, денеска на увидот во завршните работи на објекти на Скопското Кале.
Осврнувајќи се на понатамошното уредување на локалитетот, премиерот најави дека Владата ќе им даде поддршка на надлежните институции, и финансиски и логистички. Тој посочи дека просторот веќе е делумно хортикултурно уреден, но дека тоа не е доволно за да се искористи неговиот целосен потенцијал.
„Ако биде се како што треба тоа ќе се случи следната година нормално од оваа година ако почнеме. Сега е веќе средено, тука знаете имаше трева, колку толку хортикултурно е потсредено за да можат колку толку посетителите да се запознаат со Скопското Кале, но не сме задоволни од ова што во моментот се случува. Знаеме дека Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме позади институциите и финансиски и логистички и секако да скопското Кале го добие оној лик којшто го заслужува и да биде дел од Скопје-европска престолнина на културата. Благодарност до сите институции коишто досега беа вклучени, благодарност до професорите, до професорот, до експертите, до сите оние коишто до сега работеа на истражување на скопското кале, мислам дека ќе бидат исклучително изненадени граѓаните од сето она коешто ќе биде изложено. Зборувам не само за скопјани туку би рекол и светот“.
На крајот, Мицкоски порача дека уредувањето на локалитетот треба да продолжи со координирана работа на сите надлежни институции, за Скопското Кале следната година да го добие изгледот што го заслужува.
„Така што еве тука ќе застанам, уште еднаш благодарам и заедно да продолжиме и натаму да ги решаваме работите и скопското кале следната година да ја добие онаа физиономија којашто ја очекуваме дека треба да ја добие и којашто ја заслужува“.
