Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) на 7 април во Вашингтон ќе одржат сесија од стратешкиот дијалог меѓу двете држави, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телевизија Телма.

Како што кажа Муцунски, со тоа ние ќе бидеме првата земја од Европа што во мандатот на актуелната администрација на САД ќе има стратешки дијалог во Вашингтон со американскиот Стејт департмент.

Министерот информира дека делегацијата која ќе патува во Соединетите Американски Држави ќе биде предводена од него, а во неа ќе бидат вклучени и министрите за внатрешни работи (Панче Тошковски), за одбрана (Владо Мисајловски), за дигитална трансформација (Стефан Андоновски) и за енергетика, рударство и минерални суровини (Сања Божиновска).

-Од страна на Соединетите Американски Држави наш домаќин ќе биде заменикот-државен секретар на САД г. (Кристофер) Лендау. Исто така значајно е да се укаже дека јас како министер за надворешни работи сум меѓу ретките кој во помалку од една година ќе има три билатерални средби, покрај многуте, со најтесното раководство на американскиот Стејт департмент – претходниот мај со г. (Марко) Рубио, оваа есен, во рамките на министерскиот состанок со г. Лендау и сега повторно со г. Лендау, рече Муцунски.

Тој посочи дека преку овој стратешки дијалог македонските граѓани ќе видат многу големи ефекти, како во делот на политичката и безбедносна соработка, но и во однос на многу други прашања кои ќе бидат објавени по завршувањето на средбата.

-Секако јавноста ќе биде информирана за сето она што сме го договориле и какви промени во билатералните односи во позитивна смисла сме успеале да усогласиме во последниот период, рече шефот на македондската дипломатија.

На прашањето дали очекува со стратешкиот дијалог да дојде до повлекување на визите за македонските граѓани за САД или барем враќање на иселеничките визи, чие издавање САД го запреа во јануари за земјава, Муцунски рече дека се очекува да има дискусија за прашањата поврзани со визната политика кои се наш приоритет.

-Јас јавно имам кажано дека нашиот приоритет во визната политика со САД е насочен кон она што ние го имаме како интерес, а тоа е бизнис, образование, тоа е наука, тоа е туризам…Во делот на политиката за олеснет влез во САД има тема која што се дискутира во Вашингтон и секако се надевам дека преку тој дијалог ќе донесеме низа позитивни вести, дел за работи поврзани со наши стратешки определби, тука зборувам за безбедноста, борбата против криминалот и корупцијата, но и вакви прашања кои граѓаните директно ги чуствуваат, кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија.