Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на прославата на роденденот на партијата во Струмица испрати порака дека сите што сториле криминал ќе бидат поразени. Тој посочи дека во изминатите две години пред лицето на правдата биле изведени различни поранешни и сегашни високи функционери.
„Нè обвинуваат дека сме имале пакт со минатата влада и затоа не сме ги апселе. Во изминатите две години пред лицето на правдата беа изведени врховни судии, обвинители, претседатели на Советот на јавни обвинители, поранешни вицепремиери, министри и директори“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека постапките биле спроведувани без приведувањата да се вршат во домовите на осомничените, пред очите на нивните најблиски и деца, со цел никој да не биде понижуван.
„Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица: ќе ги гониме каде и да се. Со криминалот и со криминалците нема пакт и сојуз. Затоа се немирни, затоа се нервозни“, изјави Мицкоски.
Според него, последниот отпор на криминалните структури се мал број корумпирани судии и обвинители.
„Нивниот последен, жилав бастион се малкумина корумпирани судии и обвинители, а и нив ќе ги поразиме, од прв до последен“, порача Мицкоски.
