Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва сама ќе ги избере целите на кои би одговорила на, како што ги нарече, „разбојништвото“ и „пиратството“ на западните земји. Тој порача дека руската реакција не мора да се случи во истите води каде што западните земји би презеле дејствија.

„Рускиот претседател Владимир Путин многу јасно и одмерено рече дека ние ќе одговориме на ова разбојништво и на ова пиратство реципрочно. Но, не мора да биде во истите води во кои овие „новопечени миротворци“ ќе го извршат своето беззаконие. Ние самите ќе ги избереме целите. А целите ќе бидат бродови кои работат во интерес на земјите кои ги прогласија разбојништвото и пиратството за своја официјална политика. Ние ќе одлучиме како да се справиме со овие бродови“, нагласи рускиот министер за надворешни работи, пренесува Спутник.

Изјавата на Лавров следува откако Европската Унија одлучила да примени, како што наведе рускиот министер, свои законски механизми со кои би ја ограничила способноста на Русија да остварува приходи на светските пазари.

Лавров оцени дека одлуката на Брисел претставува ограничување на руските економски можности и ја оспори нејзината законитост, наведувајќи дека станува збор за „нелегална одлука“ која според него тешко може да се нарече закон.

Рускиот министер притоа не наведе конкретни бродови или цели, ниту прецизираше каков би бил евентуалниот одговор на Москва.