ДР Конго водеше по првото полувреме, но капитенот блесна во финишот и донесе победа од 2:1

Англија со голем пресврт ја совлада ДР Конго со 2:1 и обезбеди пласман во осминафиналето, каде што ќе игра против Мексико. Херој на натпреварот беше Хари Кејн, кој со два погодоци во второто полувреме ја извлече својата репрезентација откако на паузата имаше негатива од 0:1.

ДР Конго подобро го отвори натпреварот и со висок пресинг успеа да ја изненади англиската селекција. Тоа резултираше со водечки гол уште во седмата минута, кога Ципенга го совлада Џордан Пикфорд за 1:0.

Англија создаваше шанси, но на пауза замина со негатива

По почетниот шок, Англија ја презеде иницијативата и од средината на првото полувреме целосно доминираше. Хари Кејн имаше две добри можности, се заканија и Маркус Рашфорд и Џуд Белингем, но без промена на резултатот.

Во финишот на првиот дел Англичаните бараа пенал по дуелот меѓу Кејн и голманот на ДР Конго. По проверката со ВАР, главниот судија оцени дека капитенот на Англија го иницирал контактот и не покажа на белата точка.

ДР Конго можеше да ја зголеми предноста во 42. минута, но Виса ја погоди левата статива, па на полувремето остана 1:0 за африканската селекција.

Кејн ја режираше победата

Англија уште од стартот на второто полувреме тргна офанзивно. Рашфорд во 52. минута пропушти одлична можност за израмнување, но притисокот конечно вроди со плод во 75. минута.

Хари Кејн го постигна својот 83. гол во 118. настап за англиската репрезентација и донесе израмнување на 1:1.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе оди во продолженија, капитенот повторно стапи на сцена. Во 86. минута Кејн постигна прекрасен гол за целосен пресврт и победа на Англија од 2:1.

Со тоа стигна и до својот петти погодок на Светското првенство, а Англија избори пласман во осминафиналето, каде што ќе се соочи со Мексико.