Собранието попладнево на 147 седница по скратена постапка со 84 гласови за и 2 воздржани без расправа го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.

Повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија немаат важечка лична карта, а пасошите што ги поседуваат се со старото уставно име, покажуваа податоците од Министерството за внатрешни работи.

Измените беа поднесени од кординаторите на пратеничките групи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Во прашање се лица кои наполниле 18 години од последните одржани избори (локалните во 2021), до денот на одржување на годинешните избори. Од нив, над 1.000 немаат нов документ.

Извор: Радио Слободна Европа