Климатските промени претставуваат системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара итна заедничка акција. Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на обраќањето на настанот „Национален дијалог во пресрет на СОР31“, организиран од страна на УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа ја нагласи важноста од брзо усвојување на Законот за климатска акција, посочувајќи дека станува збор за еден од клучните документи во реформската агенда поврзана со Европската Унија, за кој веќе е добиено позитивно мислење од Европската комисија во однос на усогласеноста со европското законодавство.
Во пресрет на глобалниот самит COP31 што ќе се одржи во Анталија, каде што ќе ја предводи државната делегација, Сиљановска-Давкова подвлече дека земјата мора да настапи со подготвени проекти и дефинирани потреби за финансирање.
„И годинава, за жал, климатскиот самит ќе се одржи во услови на геополитички тензии и воени конфликти. Звукот на оружјето одекнува насекаде во светот. Во 2024 година, војните однесоа околу 239.000 животи, што е највисокиот годишен број во последниве години, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот – SIPRI. Но, среде разурнувањето, една жртва останува речиси невидлива, а нејзиното страдање сѐ повеќе се потиснува на маргините на вестите и насловните страници. Таа жртва е нашата планета, нашиот единствен дом што го уништуваме“, порача Сиљановска-Давкова.
Конференцијата, според неа, претставува шанса обврските да се преточат во мерливи резултати и практични чекори на терен.
„Мојата, нашата држава, се наоѓа во еден од климатски најранливите региони на светот, Медитеранот. Извештајот на Светската банка за климатските промени и развојот кај нас предупредува дека загубите од катастрофи и екстремни климатски настани во претходните 20 години се проценуваат на 667 милиони американски долари. Без инвестиции во адаптација, годишните очекувани штети би можеле да достигнат 4% од БДП до 2050 година. Овие бројки не се само економски показатели. Тие се предупредување за ресурсите што можеме да ги изгубиме, за развојните можности што можеме да ги пропуштиме и за човечката цена со којашто не смееме да се помириме“, наведе Сиљановска-Давкова.
Последиците врз секојдневниот живот и економијата се веќе евидентни и покрај малите глобални емисии.
„Во светски рамки, македонскиот удел кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик. Малите држави, како нашата, незсразмено повеќе ги чувствуваат последиците. Затоа, ние не смееме да правиме компромиси со иднината“, посочи Сиљановска-Давкова.
Таа потсети дека новата законска рамка мора да добие институционална поддршка за да се засили превенцијата и справувањето со ризиците.
„Пред два дена добивме зелено светло од Европската Комисија дека е усогласен со европското законодавство. И тоа мене ме радува. Без навремена и предвидлива законска рамка не може да има ефикасна превенција. Затоа, законот за климатска акција мора да биде усвоен што е можно поскоро. Но, иако е неопходна, добрата законска рамка сама по себе не е доволна. Покрај превенцијата, мора посветено да работиме и на адаптацијата кон климатските промени и на јакнењето на отпорноста на државата. Во таа насока, на тематската седница беше предложено воспоставување Национален интегриран мултихазарден информативен систем за превенција од катастрофи, како стратешки национален проект“, истакна Сиљановска-Давкова.
На крајот, претседателката оцени дека финансиските инструменти од меѓународните партнери мора навремено да се искористат преку координација на сите општествени чинители.
„Во пресрет на COP31, треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање. COP31 треба да биде можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати“, порача Сиљановска-Давкова.
