Љупчо Коцевски е единствениот кандидат за наследник на досегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески кој замина во пензија. Коцевски доби едногласно позитивно мислење на денешната седница на Советот на јавните обвинители.

Во конкуренција за прв човек на јавното обвинителство освен Коцевски беа и обвинителките Лидија Раичевиќ и Фатиме Фетаи, но тие веднаш „излегоа од игра“.

Кандидатката Фатиме Фетаи не доставила потврда за деловна способност, а Лидија Раичевиќ немала организациски способности за функцијата републички обвинител. Оттука, советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител.

Се огласи и кандидатката Лидија Раичевиќ во изјава за Алфа вели не се чуствува разочарана и дека ја почитуваа оваа одлука. Сепак, таа вели дека зад негативното мислење стојат аргументи.

Аргументите не сум ги слушнала, но новинарите ги слушнале, може да ги пренесете во јавноста па стручната јавноста може да цени. Не постои разочарување или било каков негативен став кон оваа постапка, вели Раичевиќ.

Фото: Академик.мк

Поранешната специјална обвнителка Фатиме Фетаи, не доставила потврда за деловна способност па оттука членовите не можеле да се произнесат за нејзината кандидатура. Фетаи преку изјава за неделникот „Фокус“ смета дека советот треба да ја преиспита одлуката.

„Убаво би било Советот на јавните обвинители уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука. Познавањето на македонскиот јазик и уверение за деловна способност се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнуваме уште кога сме избрани за обвинители. Доколку не ги исполнуваме овие два услови воопшто не би можеле да работиме како обвинители“, изјави Фетаи.

Според процедурата, Советот на јавни обвинители дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење. Новиот државен јавен обвинител го бира Собранието, со мандат од шест години.

На досегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25-ти декември, а за в.д. државен јавен обвинител беше избрана републичката обвинителката Соња Симовска. Изборот на Советот на обвинителите, според Законот, треба да биде одобрен од Владата и изгласан во македонското Собрание.