Шокантни детали за злоупотреби на прислушување

Во еден од своите најсилни говори досега, премиерот Христијан Мицкоски откри шокантни детали за злоупотребите на прислушување и следење од претходната власт. Според неговите зборови, не станувало збор само за телефонски прислушувања, туку и за физичко следење, документирање и користење на дозволени и недозволени техники.

„Многу брзо од денес, самите во СДСМ ќе се најдат згрозени, посрамени и принудени да се извинат, a оние кои сè уште не се свесни ќе дознаат што всушност правела претходната власт со прислушувањето,“ изјави Мицкоски.

„Кога ќе ја видите вистината, ќе бидете згрозени,“ истакна Мицкоски, додавајќи дека овие практики ги надминуваат дури и методите на фашистичките режими. Како што посочи, удбашките структури од минатото сѐ уште се присутни во некои безбедносни тела, што ја спречува нивната професионализација.

„Она што се случувало ќе ве остави без зборови. Ќе сфатите каков вид на мерки биле користени – не само следење на комуникациите, туку и директно физичко следење, документирање и користење на дозволени и недозволени методи. Ова е причината поради која се плашите. Тоа е причината зошто стравот е толку видлив. Го следам јавниот дискурс на оние кои претставуваат остатоци од удбашки и болшевички структури, кои за жал, сѐ уште се присутни во нашите, како што би ги нарекол, кодошки безбедносни тела,“ изјави Мицкоски.

СДСМ со обвинувања за партизација на институциите

Од опозициската СДСМ возвратија дека власта на ВМРО-ДПМНЕ врши партизација на институциите. Особено, ја критикуваа владата за изборот на членови во Советот за надзор на безбедносните служби, посочувајќи дека дел од кандидатите не ги исполнуваат законските критериуми.

„Законот јасно предвидува дека овие членови треба да бидат експерти од областа на правото, телекомуникациите, ИТ технологиите, безбедноста или одбраната,“ рече пратеникот Љупчо Николовски. Според него, ваквите потези го загрозуваат демократскиот капацитет на институциите и го поткопуваат нивниот интегритет.

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја врати контролата врз безбедносните служби, користејќи политички мотивирани именувања за свои цели.

Премиерот најавува „чистење“ на институциите од партиски влијанија

Како одговор, Мицкоски истакна дека неговата влада е посветена на елиминирање на партиските кадри, кои биле поставени од претходната власт. Според него, бројот на функционери со плати од буџетот е намален за повеќе од 50%, а на нивно место се назначуваат стручни експерти.

„Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој е ваш избор од претходната власт, сѐ уште ја извршува својата функција. Ова јасно покажува дека не сме фокусирани на партизација, туку на професионализација на институциите,“ нагласи премиерот.

Мицкоски го спореди ова со практиките на СДСМ во 2018 година, за кои тврди дека биле спроведувани со притисоци и закани.

Обвинителствата како слаба точка на минатото

Додатно, премиерот ги критикуваше обвинителствата, за кои рече дека сѐ уште функционираат под влијание на партизираноста на претходната власт. Според него, тие постојано изнаоѓаат изговори за да избегнат процесирање на криминалите од минатите седум години.

„Кога ќе ги погледнете обвинителствата, ќе видите дека тие секогаш имаат изговори – некои ќе кажат дека имаат здравствени проблеми како температура или анксиозност, други ќе наведат лични причини. Сето тоа покажува дека се оставени под влијание на претходната партизираност,“ истакна Мицкоски.


Политичките тензии продолжуваат

Со овие разменети обвинувања, политичката сцена во земјата останува поделена. Додека власта се залага за професионализација и прочистување на институциите, опозицијата тврди дека се врши нов бран на партизација.

Во вакви околности, независноста на институциите и нивната способност за справување со злоупотребите стануваат клучни теми кои ја дефинираат политичката иднина на земјата.