Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на советот, истакна дека една година градот и граѓаните се соочуваат со корона пандемија, а градоначалникот наместо да се фати за решавање на проблемите на скопјани, сака да врши грабеж на граѓаните и фирмите преку преименување на улиците.

Една година делиме еден голем предизвик во градот односно се справуваме со пандемија чума во градот, корона пандемија, смрт за голем број на граѓани, борба за преживување без последици и борба за опстанок. Секоја седница, барем една до две точки требаше да ни е појдовна основа за еден нов пристап на разговор и нов пристап на гледање на работите, нов пристап за решавање на круцијалните прашања кои што ги тиштат граѓаните. Очекував во најмала рака нова стратегија од вас градски татко.

Независно дали истата ќе ве чини кариера вас или нас, или нови мандати, требаше да ги одбереме граѓаните. На сметка на ова два месеци февруари а сега и март ние разговараме за предлог листа, сега за листа на нови имиња на улици. Зар не треба да борите во овој период да амортизирате други прашања кои што се многу битни и клучни за граѓаните, како што е социјална кохезија и меѓуетнички мир, како што е амортизација на економски притисок, меѓутоа и реформски предизвици кои што ќе нанесат штета на граѓаните и на фирмите. Требаше да се осврнеме и да бараме решение да се амортизираат проблемите на граѓаните во оваа време невреме, но вие изгледа во услови на безидејност, слабост, како сакате толкувајте го, но јас го толкувам вака. Вие наместо да се соочите со маките на граѓаните, почнавте да раздавате имиња на улици, а во суштина вие веројатно планирате да направите грабеж и собирање од народот и пред се од фирмите, рече Колариќ.

Колариќ истакна дека Шилегов директно го крши член 8 од Законот за именување на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во кој децидно стои дека не треба да се вршат промени на улици шест месеци пред локалните, претседателски или парламентарни избори, како и дека една година пред година пред планиран попис.

Не знам на кога да верувам, вие се декларирате дека сте правник, па затоа членот 8 е многу дециден и јасен од Законот за именување на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти, и јасно стои дека промена на имиња на улици не треба да се вршат шест месеци пред локални, парламентарни, претседателски избори. Локалните избори еве ги за шест месеци доаѓаат. Но многу поголемо и суштинско значење е другата реченица, во која се вели дека една година пред планиран попис вие не смеете да ги менувате имињата на улиците. Зошто го правите ова, зошто го кршите законот? Зошто газите по законот за определување на имиња, на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни проекти, праша Колариќ.

Колариќ побара од Шилегов да ја повлече оваа точка и да се откаже од ваквата промена на имиња на улици, укажувајќи дека ниту граѓаните, ниту општините не се прашани за овој предлог.

Сега кога нас ни се битно само адресите на продавници за храна и аптеки и банки и пунктови каде има лаборатории, доктори и кој прегледува и пунктови за вакцини, вие одлучивте да зборувате за имиња и презимиња и листа на нови имиња и презимиња на сокаци, на сокаци со дупки, на сокаци за кои што ниту куќните совети, ниту граѓаните, ниту општините не се прашани. Каде ви се во прилог мислењата од општините? Зошто не ги приложивте материјалите, дајте да ги видиме. Зошто нетранспарентно сакате да го обезличите градот? Зар сега беше прашање и тема да се зборува за имиња и презимиња на улици? Па имињата треба да откријат нешто од историјата, треба да бидат од значење од генологијата, етнологијата, места каде што живееле трговци да ги означиме, каде што се одржувале игри, спортови, каде што живееле истакнати семејства. Па дури и состојбите на улиците ако се ископани со ѓубре треба да добијат и соодветен назив, па имаме толку цркви, џамии, имаме голем број на историски личности и настани. Ние се врзавме само на имиња и презимиња од паушална направена анкета која што траеше само десет дена во период кога сите бевме на одмор. И вие зборувате за транспарентност. Не е точно. Ако зборувавте за транспарентност ќе направевте една проширена анкета, каде што ќе ги вклучивте сите оние луѓе, археолози, историчари, етнолози, вели Колариќ.

Со ова раздавање на имиња и презимиња на улиците вие всушност сакате да направите грабеж и да ги соберете парите од граѓаните и од фирмите затоа што секоја промена ќе значи и нови промени во документи, табли на улици, називи, во личната документација, долг е патот за сплотување градоначалник, но многу е краток за разединување. Неколку пати сум ве слушнала јас ги планирам работите подолго и сакам да ги направам такви какви што треба да бидат, па еве ви шанса градоначалник дајте повлечете ги овие точки, еве ви шанса, дајте нова методологија да го накитеме градот со убави имиња и презимиња, дајте нов метод, дајте друг вид на расправа, објасни Колариќ.