Судиите на Уставниот суд на почетокот на март годинава ја прифатија иницијативата поднесена од Општинската организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово и поведе постапка за одлуката на Советот на Општина Тетово со која пред речиси 20 години беа преименувани улици и централниот градски плоштад, а на денешната седница донесе конечлна одлука.

„Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја укине Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година)“, соопштија од Уставен.

На одлуката на Уставен, остро реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ), оценувајќи дека таа покажува дека, како што велат од опозициската партија, кампањата за демонтирање на политичките достигнувања на Албанците влегува во нова фаза.

Според ДУИ, враќањето на името „Маршал Тито“ на централниот плоштад во Тетово е само најновиот знак на една реалност што секој ден станува сè поочигледна, а тоа, велат од партијата, е дека државните институции се користат за бришење на трагите од еднаквоста која е стекнувана со децении политички напори.

„Во овој процес нема место за изненадување. Кога албанската застапеност се сведува на владин декор, одлуките почнуваат да ги носат други. Кога недостига храброст за одбрана на националните интереси, загубите стануваат неизбежни. Кога власта станува поважна од застапеноста, последиците ги плаќаат граѓаните“, соопштиуја интегративците.