Општина Аеродром го обновува трговскиот центар во населба Лисиче

Општина Аеродром започна со реконструкција и уредување на просторот во Трговскиот центар во Лисиче, кој по подолг период конечно добива нов, модерен и уреден изглед.

Трговскиот центар претставува едно од главните јадра во овој дел од Аеродром, место каде што секојдневно се движат голем број граѓани и кое има значајна улога во локалното секојдневие.

Ново поплочување на површина од 6.000 квадратни метри

Со проектот се поставуваат нови павер-елементи во централниот дел, како и на пристапните патеки, на површина од околу 6.000 квадратни метри.

Дотраените површини се заменуваат со квалитетни и издржливи материјали, што значително ќе ја подобри функционалноста и естетиката на просторот.

Хортикултурно уредување и нова урбана опрема

Просторот ќе биде и хортикултурно збогатен, а ќе биде опремен и со нова урбана опрема.

Во рамки на уредувањето, во трговскиот центар ќе бидат поставени и маси за шах, како и детско игралиште, со цел да се овозможи пријатен престој и дружење за сите генерации.

Проект вреден 22,2 милиони денари

Станува збор за капитален инфраструктурен проект, кој се реализира со поддршка од Владата, во вкупна вредност од 22,2 милиони денари.

По подолг период, жителите на Лисиче добиваат уреден и побезбеден трговски центар, простор што секојдневно го користат голем број граѓани и кој претставува важен дел од локалното живеење.