Предучилишното, основното, средното и високото образование ќе ги градиме врз принципите за образование на 21 век!
Гарантираме, веднаш отпочнуваме со постапка за донесување Локална стратегија за образование. Принципите на оваа Стратегија мора да бидат втемелени најпрвин врз потребите и интересите на учениците и родителите, но и усогласени со потребите на пазарот на трудот. Деловната заедница, стопанството ќе бидат еден од клучните фактори во донесувањето и имплементирањето на оваа стратегија, истакна кандидатот за градоначалник на Битола Тони Коњановски.
Како нова локална самоуправа веднаш отпочнуваме со кампања за подигнување на свеста кај родителите Роми, за важноста на предучилишното, основното, средното и високото образование.
Гарантираме обезбедување на еднакви услови за образование на децата Роми преку обезбедување на таблети и друга ИТ опрема за успешна реализација на воспитно – образовниот процес и сеопфатна вклученост во него на оваа категорија ученици.
Гарантираме сериозен и стручен пристап кон образованието. Гарантираме негово унапредување преку формирање Асоцијација во која покрај непосредните учесници – родителите и наставниците ќе ги вклучиме и стручните лица од високото образование, соодветно на нивните академски специјалности.
Гарантираме реконструкција и интервенции во сите основни и средни училишта. Особено внимание ќе посветиме на нивно прилагодување на вонредно настанатите услови, предизвикани од пандемијата КОВИД 19.
Гарантираме поддршка за спроведување на пропишаните протоколи за заштита на здравјето на учениците и наставниците преку обезбедување техничко – хигиенски средства.
Гарантираме обезбедување опрема и таблети за сите ученици од ранливите категории.
Гарантираме зголемена безбедност во училиштата: Видео – мониторинг во училишните дворови и комплетно осветлување и физичко обезбедување во секое училиште.