Министерството за култура информира дека е распишан конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2022 година, кој ќе трае од 1 до 30 април.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Државната награда, под условите определени во Конкурсов, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство. На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ.
На секој член од наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.
Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза“ изнесува пет просечни месечни плати во Северна Македонија исплатени во последните три месеци од тековната година.
Државната награда „Мајка Тереза“ се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу две награди.
Иницијатива за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ може да поднесат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.
– Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица и број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци за кои се смета дека ќе придонесат во оценувањето, како и соодветна документација со која би се потврдиле податоците, се наведува во соопштението на Министерството.
Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон.
Текстот на иницијативата, комплетиран, треба да се достави во 15 примероци, а трудовите – книги, публикации се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок.
Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, улицата „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје.
Од Министерството посочуваат дека некомплетните иницијативи и иницијативите и прилозите – трудови, книги, публикации доставени по утврдениот рок за прием на Конкурсов нема да бидат разгледувани.