Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, најавува промени во правилата за Ковид-19 за патување во Англија, наметнати по ширењето на многу заразниот сој Омикрон, укинувајќи ја потребата од тестови пред поаѓање и карантин при пристигнувањето додека патникот не биде негативен.
Повеќе од еден од 20 луѓе во Британија, или околу 3,7 милиони луѓе, имале Ковид-19 во последната недела од 2021 година, што е највисока стапка на инфекција забележана за време на пандемијата, покажуваат официјалните податоци.
Франција, исто така, соопшти за рекордни 335.000 нови случаи дневно, според министерот за здравство Оливие Веран.
Холандија и Израел го бележат својот најголем број дневни случаи, со 24.590 и 12.000 соодветно.
Хонг Конг од сабота ги забранува летовите од осум земји, вклучително и Британија, САД, Франција, Индија и Австралија и ги затвора баровите, спортските сали и рестораните во вечерните часови откако беше регистриран сојот Омикрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон е во центарот на политичко негодување, откако рече дека неговата стратегија за вакцини е да ги „налути“ невакцинираните со ограничување на нивниот социјален живот додека не бидат вакцинирани.
Српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ е на аеродромот во Мелбурн поради виза, откако предизвика гнев поради неговото медицинско ослободување што ќе му овозможи да ја брани титулата на Опен без да биде вакциниран.
Кипарските власти најавуваат построги контроли на социјалните собири за да се справат со најлошата стапка на инфекција со Ковид-19 во светот по глава на жител.
Сите вработени во Чешка од 17 јануари ќе мора да се подложат на антиген-тестови двапати неделно, бидејќи се очекува ширење на сојот Омикрон на Ковид-19.
Шпанскиот суд го продолжува за две недели ноќниот полициски час во поголемиот дел од североисточниот шпански регион Каталонија.
Романија повторно го наметнува носењето заштитни маски на отворено, а бројот на дневни случаи е тројно зголемен од почетокот на 2022 година.
Европскиот авио-гигант Рајанер објави пад на патничкиот сообраќај за седум отсто минатиот месец бидејќи варијантата Омикрон предизвика ограничувања што ја погодија сезоната на патувања.
Првиот натпревар од полуфиналето на Ливерпул во Лига купот против Арсенал в четврток е одложен поради голем број случаи на коронавирус во клубот, додека првиот натпревар на Баерн Минхен во Бундеслигата во 2022 година е исто така под знак прашалник.
Коронавирусот уби најмалку 5.456.207 луѓе откако се појави епидемијата во Кина во декември 2019 година. САД имаат забележано најмногу смртни случаи од Ковид со 830.284, потоа Бразил со 619.384, Индија 482.551 и Русија 313.015.