Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор смета дека Хрватска треба да го искористи своето членство во Европската Унија за да ги блокира пристапните преговори на Србија и Црна Гора. Нејзиниот повик следува по реакциите во двете земји по смртта на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

Косор оцени дека реакциите на српските власти по смртта на Младиќ се доволна причина Хрватска да преземе чекор кон блокирање на преговорите на Србија со ЕУ.

„По реакцијата на властите во Србија на смртта на осуден џелат, воен злосторник, Република Хрватска, членка на ЕУ, мора да ги блокира преговорите на таа земја за ЕУ. А и Црна Гора поради четникот Мандиќ“, напиша Косор.

Нејзината реакција доаѓа откако Ратко Младиќ почина во притворската единица во Шевенинген. Претставници на српските власти реагираа по неговата смрт, а според Косор, во тие реакции имало величење на Младиќ и негирање на злосторствата за кои тој беше осуден, меѓу кои и геноцидот.

Во Црна Гора, пак, претседателот на Собранието и лидер на Новата српска демократија, Андрија Мандиќ, му изрази сочувство на синот на Младиќ, Дарко Младиќ.

„Тукушто му изразив сочувство на Дарко Младиќ, во мое лично име и во име на Новата српска демократија, по повод смртта на неговиот татко, генерал Ратко Младиќ“, објави Мандиќ на социјалната мрежа „Икс“.