Кабинетот на Курти го соинуваат 18 членови,од кои тројца вицепремиери: Прв вицепремиер, задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог е Бесник Бислими, втора вицепремиерка, задолжена за надворешни работи и дијаспора, e Доника Грвала, додека трета вицепремиерка, задолжена за малцински и човекови права, е Емилија Реџепи.
Нов министер за финансии е Хекуран Мурати, за правда Албулена Хаџиу, за здравство Арбен Витиа, за Образование и наука Арберие Нагавци, за култура Хајрулах Чеку, за локална самоуправа Елберт Красниќи, за екологија, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу, за земјоделство Фатон Пеци, за одбрана Арменд Мехај, за внатрешни работи Џељаљ Свечља, за индустрија и трговија Розета Хајдари, за економија Артане Ризваноли, за заедници и враќање Горан Ракиќ и за регионален развој Фикрим Дамка.
Осуммина од членовите на новиот владин кабинет, како што објави Курти, се членови на неговата партија, ВВ, која извојува убедлива победа на вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари, со освоени – заедно со листата „Осмели се“ на досегашната собраниска спикерка и вршителка на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи – 50,27 отсто од гласовите и 58 места во 120-членото Собрание на Косоо. Новиот премиер нагласи и дека една третина од членовите на неговата Влада се жени, а две од нив вицепремиерки.
Во своето обраќање по повод изборот за премиер, Курти ги изложи приоритети во развојот на економијата, борбата против невработеноста, борбата против пандемијата на Ковид-19, развојот на човековите права, јакнење на безбедноста на државата и на човековите права на сите граѓани без оглед на нивната припадност. Посебно ќе се залага за подигнување на квалитетот на образованието и за поголема социјална правда.
Во однос на наворешната политика, Курти најави јакнење на врските со земјите сојузнички, пред се со Албанија и Соединетите Американски Држави, како и јакнење на заложбите за зачленување во НАТО и Европската унија. Курти порача дека неговата влада ќе се залага за добри односи со сосседните држави, додека од Србија очекува да се соочи со своите злосторства во Косово и најави дека ќе бара обесштетување за економските, финансиските и другите штети од војната и пред неа.
По изгласувањето на Владата, за време на првото обраќање на Курти како нов косовски премиер, опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала.