Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со нејзините колешки од Албанија и Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, како и други гости, во неофицијалниот дел на самитот „Отворен Балкан“, синоќа се прошетаа низ Охрид.
Гостите од регионот имаа можност да се запознаат со дел од културните знаменитости во старото јадро на градот.
-Ноќната прошетка започна од Самуиловата тврдина, преку Античкиот театар, Галеријата на икони и Куќата на Робевци. Гостите беа запознаени и со една од најпрепознатливите техники за изработка на охридскиот бисер преку традицијата што ја негува охридското семејство Филеви, информираат од Министерството за култура.
Маргарити и Гојковиќ биле воодушевени од техниката на создавање на познатиот охридски бисер.
– Драго ми е што моите колешки министерки се воодушевија од охридскиот бисер, кој е симбол на Охрид. Сакавме пред почетокот на самитот, како добри домаќини, да го почувствуваат градот навечер преку запознавање на нашите културни споменици, особено архитектурата која има посебно место во македонското културно наследство, изјави министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Од Министерството соопштуваат дека на денешната панел–сесија на тема „Отворен Балкан, отвора култура”, воведно обраќања ќе има вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој со министерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска, со Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и со Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија, ќе дискутира за важноста на културата во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.