Костадиновски: „Сејф Сити“ го смени однесувањето на граѓаните
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, информира дека во врска со системот „Безбеден град“ се формирани четири предмети и најави дека по нив ќе се постапува во најкус можен рок, со оглед на тоа што станува збор за новина во државата. Тој посочи дека не може однапред да изнесува анализа, но нагласи дека проектот има легитимна цел, е општествено оправдан и, според неговиот став, мерките се пропорционални на целта што се настојува да се постигне.
Костадиновски оцени дека токму овој проект покажал оти граѓаните можат брзо да го менуваат својот однос и да се приспособуваат на правила. „Не сме безнадежен случај“, рече тој, додавајќи дека во државата постои реална подготвеност за почитување на владеењето на правото и дека е оптимист за иднината.
Ставови за изборот на уставни судии и Бадентеровиот принцип
Во однос на предлогот професорот Гоце Наумовски, кој бил советник на премиерот, да биде избран за уставен судија, Костадиновски истакна дека и самиот бил советник на тројца претседатели, оценувајќи дека тоа нема значење за вршењето на функцијата. Тој подвлече дека лојалноста треба да биде единствено кон Уставот и дека очекува таков пристап и од идните судии.
Говорејќи за иницијативата на ДУИ за примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, Костадиновски посочи дека овој принцип е значаен за политички органи како Собранието, но не и за судска институција. Според него, воведувањето на Бадентер во Уставниот суд би значело одлучување врз основа на аргументи што не се правни, што, како што нагласи, не постои како пракса во светот.
Законот за јазиците и други предмети од јавен интерес
Во врска со Законот за употребата на јазиците, Костадиновски рече дека останува во сила заклучокот за одржување подготвителна седница, која, доколку се реализира, ќе се пренесува во живо. Тој појасни дека одлуките во Судот се носат со пет гласа и дека евентуална промена на заклучокот би зависела од волјата на судиите.
Костадиновски апелираше граѓаните да не подлегнуваат на политички манипулации, истакнувајќи дека одлуките на Судот не се „страшила“ и дека уставните определби треба да се операционализираат со законски решенија. Во однос на барањето на албански студенти правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, тој рече дека ќе се воздржи од коментар додека постои предмет за Законот за употреба на јазиците. Како теми од повисок општествен интерес ги наведе и линеарното зголемување на пензиите, начелото на јавност во судството, Законот за потрошувачите, нерезидентните и глобалниот данок.
Извор: А1он
