Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, преку објава на Фејсбук предупреди дека во населбата Бутел 2 се одвиваат градежни активности на земјиште во државна сопственост, поради што побара нивно итно запирање до утврдување на законитоста на градбата.

Според Костовски, до Општината досега пристигнале пријави од повеќе од десетина загрижени граѓани од населбата, кои реагирале на градежните активности.

„Ги предупредуваме лицата кои во моментов преземаат почетни градежни активности на државното земјиште во Бутел 2 веднаш да ги запрат сите понатамошни активности до утврдување на законитоста на градбата“, наведува Костовски.

Тој најавува дека доколку се утврди дека станува збор за бесправна градба, а активностите продолжат, Општина Бутел во координација со Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите законски мерки.

Меѓу најавените мерки се поднесување кривична пријава до надлежните органи и отстранување на сè што е бесправно изградено, согласно законските процедури.

„Државното земјиште не е ничија приватна сопственост! Општина Бутел нема да толерира узурпација на државно земјиште и незаконско градење!“, порача градоначалникот.

Се уште нема официјална потврда дали градежните активности се бесправни, а од Општината најавуваат постапување доколку се утврди прекршување на законските прописи.