Во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека целта на ДУИ е да го намали потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ кој го има, но тоа нема да се случи и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде посилно.

„СДСМ не разбира дека е злоупотребен, бидејќи тие со ова не можат да пораснат. ДУИ има цел да го намали потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ на сметка на условно кажано овие политички лешинари за кои што ДУИ и СДСМ велат дека се антинато, проруски итн. Не само што не им успеа, под ова ВМРО-ДПМНЕ ќе биде посилно и ви гарантирам дека тоа многу скоро ќе се види на мерењата на јавното мислење“, кажа Мицкоски.

Мицкоски истакна дека Ковачевски одлучил да биде заробеник на Али Ахмети и ДУИ.

„Каков легитимитет ќе има оваа Влада кога единствената политика што ги зближува покрај крадењето се овие предавства на македонскиот идентитет. Тогаш се поставува прашањето што понтаму? Токму тоа беше мојата цел на лидерската средба, кога сето ова ќе пропадне што понатаму? Не добив одговор затоа што имам работа со плитки политичари и луѓе кој освен да лажат и читаат тоа што им е кажано на ливче не можат понатаму да излезат од таа рамка бидејќи тука треба креативност, вештина, визија и план“, вели Мицкоски.