Денеска во 11 часот во Клуб на пратеници треба да се одржи лидерската средба на која лидерите на двете најголеми политички партии во земјата, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, треба да разговараат за уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот што, пак, е услов земјава да ги отпочне преговорите за членство во Европската унија (ЕУ).

Пред денешната лидерска средба најавена е седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ се надеваат дека Мицкоски ќе ги прифати уставните измени бидејќи, како што велат, тие се единствениот начин за патот кон ЕУ.

Мицкоски, пак, тезата на Ковачевски дека доколку не се прифатат уставните измени земјава ќе биде изолирана ја нарече измама. Тој во неколку наврати претходно рече дека ќе се појави на лидерската за да каже не на уставните измени под бугарски диктат и дека треба да се разговара за втората опција што откако тие нема да успеат.

Синоќа, пак, од Прилеп порача дека голема грешка е што овие години крупните одлуки беа носени без единство и целосна согласност на опозицијата.