„Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на бугарскиот претседател Румен Радев во македонскиот Устав“, е реакцијата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на денешната изјава на бугарскиот претседател Радев. Бугарскиот претседател претходно порача дека македонската влада ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе најде сили да ги впише „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“, објави Независен.

Ваквите коментари и жестоки реакции доаѓаат на само еден ден по Самитот на Советот на Европа каде што Ковачевски изјави дека дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, „за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина“. Претходно на овој Самит излагање имаше бугарската потпретседателка Илијана Јотова која говореше за правата на Бугарите во Македонија. За вчерашните случувања Ковачевски рече дека нема дополнително да коментира, кажал што има јавно на Самитот. Тој само оцени дека амандманите се дел од преговарачката рамка со ЕУ бидејќи земјава преговара со ЕУ, а не со Бугарија.

„Она на што ние работиме, бидејќи е формирана работната група, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот устав“, изјави Ковачевски.