Ковачки се обрати на Националното собрание на Демократската партија на Албанија
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, се обрати на Конгресот на Националното собрание на Демократската партија на Албанија, каде што ги пренесе поздравите од претседателот на партијата и претседател на Владата, Христијан Мицкоски.
Во своето обраќање, Ковачки истакна дека земјите од Западен Балкан имаат заедничка европска перспектива и дека соработката меѓу сестринските партии се темели на заеднички вредности.
„Иднината на Западен Балкан ја градиме заедно како партии кои делат исти вредности: слобода, одговорност, традиција, семејство и европска иднина”, истакна Ковачки.
Нашето место е во ЕУ, не понижени, туку како еднакви партнери
Тој нагласи дека државите од регионот треба да бидат дел од Европската Унија како рамноправни членки кои ги штитат сопствените национални интереси и вредности.
„Нашето место е во ЕУ, не понижени, туку како еднакви партнери”, рече Ковачки.
Во говорот се осврна и на односите меѓу Македонија и Албанија, оценувајќи дека тие треба дополнително да се развиваат и зајакнуваат.
Македонско-албанското пријателство е реалност
Според него, пријателството меѓу двете земји има подлабоки корени од политичките и дипломатските односи.
„Македонско-албанското пријателство не е дипломатска фраза туку е географска, историска и цивилизациска реалност”, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
