Почитувани,

Македонската Радио Телевизија во етер, а ИРЛ Македонија на интернет, без да обезбедат авторски права емитуваа материјали кои се авторска сопственост на Љупчо Златев и Плусинфо.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

 

Од YouTube побаравме да ги отстрани тие материјали, барањето ни беше прифатено. Не баравме да цензурираме никакво видео или документарец, туку да се отстранат деловите за кои ние поседуваме авторски права.

Од ИРЛ Македонија, пред Youtube одбиле да престанат незаконски и неовластено да ја користат нашата авторска сопственост. Откако одбиле, од платформата им е суспендирано целото видео. По нивна, не по наша вина. Доколку сакаат, можат веднаш да го вратат видеото, доколку пред Youtube (не пред нас), прифатат да ги избришат деловите кои платформата ги детектира како наши. Не сакам да верувам дека од ИРЛ не го кажуваат ова, за да создаваат манипулативен наратив дека некој сака да ги цензурира.

Јас на ИРЛ и Сашка Цветковска им дадов 7 дена пред суспендијата, во кои великодушно им дадов шанса да ми исплатат симболична сума за авторски права, односно да бидам поконкретен – симболичен процент од годишните приливи на нивното правно лице. Барањето ми беше одбиено.

Сега, госпоѓата Цветковска ме обвинува дека сум ја цензурирал. Замислете, затоа што не дозволувам некој неовластено да користи нешто што е мое, јас сум цензурирал заедно со некакви елити. Какви будалаштини и какво непознавање на поимот авторски права. Всушност, јасна малциозност, некого да украдеш и потоа да го навредуваш.

Немам друга опција освен да го тужам јавниот сервис, верувам дека истото ќе го направи и колегата Героски. Ќе бараме финансиска оштета и забрана за дистрибуција на нашите авторски дела на интернет.

Во исто време, еве една ракавица до ОЈО: Не постои легален начин некој да симне видео од јутуб и да го стави во програма за монтирање на документарец. Единствениот начин кој постои се нарекува пиратерија и претставува кривично дело согласно законите на Македонија, но и на сиот цивилизиран свет. За ова дело, беше осуден господинот Марјан Стаменковски (ДоказМ) и за истото достоинствено си одлежа затворска казна.

Ви пренесувам стори на Сашка Цветковска во кое сум наречен пропагандист и сојузник на политичката и економската моќ, верувале или не – само затоа што си ги барам правата за она што е мое.

Замислете, ем ме крадат – ем јас сум крив!