Истрагата за загадената вода во Гостивар се проширува и опфаќа финансиска документација, тендери за набавка на хлор, службени наредби, комуникација меѓу институциите и одлуки поврзани со поставувањето на спорните водни пумпи. Обвинителството побарало обемна документација од Општина Гостивар, ЈП „Комуналец“, гостиварската болница „Д-р Ферид Мурад“ и Центарот за јавно здравје – Тетово. Ќе се испитува и дали постоел обид случајот да биде прикриен.
Меѓу документите што се анализираат се финансиските извештаи на Општина Гостивар, тендерите за набавка на хлор распишани пред јавноста да биде информирана за епидемијата, наредбите и комуникацијата меѓу Општината и ЈП „Комуналец“, како и извештаите на Центарот за јавно здравје – Тетово, особено оние од 29 јуни и 13 јули. Дел од документацијата веќе е доставена и се испитува, додека за останатиот дел сè уште се чека.
Во рамките на постапката ќе биде извршено и финансиско вештачење. Документите од Општината ќе се споредуваат со документацијата од ЈП „Комуналец“, ЦЈЗ – Тетово и извештаите што биле испратени до Институтот за јавно здравје. Посебен дел од истрагата е насочен кон наредбите и одлуките за поставување на водните пумпи, кои исто така ќе бидат предмет на вештачење.
Во Обвинителството пристигнале и резултатите од деветте анализирани примероци од водата. Само еден примерок, земен од една чешма, бил исправен, додека кај останатите биле утврдени неправилности.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека ќе се испитува и дали некој се обидел да го прикрие случајот. Тој посочи дека истрагата треба да утврди што знаеле надлежните институции, кога ги добиле информациите и дали навреме презеле соодветни мерки.
Паралелно се води и друга истрага поврзана со смртта на вработен во гостиварскиот водовод, кој загинал во канал десет дена пред спорните пумпи да бидат пуштени во употреба. Се очекува официјалниот обдукциски наод, иако според првичните информации од Обвинителството, причина за смртта бил срцев удар.
Досега како осомничени се водат Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, сите на раководни позиции во ЈП „Комуналец“. На тројцата им е определен притвор во траење од 30 дена. Од Основното јавно обвинителство Гостивар посочуваат дека истрагата може да биде проширена и на други лица доколку се обезбедат дополнителни докази.
