Вчера целиот свет застана за момент. На самиот старт на ЕУРО се случи нешто незамисливо. Најдобриот играч на Данска и фудбалер на Интер, Кристијан Ериксен, падна како покосен кон крајот на првото полувреме и набрзо стана јасно дека ќе следува борба за живот на 29-годишниот фудбалер. За среќа, благодарение на брзата реакција на лекарите и сите присутни на „Паркен“ стадионот во Копенхаген, животот на фудбалерот за врска беше спасен. Во свесна состојба го напушти теренот, а селекторот Каспер Хјумланд истакнува и дека фудбалерот е во стабилна состојба, но и во добро расположение.
Хјумланд откри дека Ериксен му истакнал дека не се сеќава баш најдобро, но и ја цитираше охрабрувачката изјава на плејмејкерот.
„Мислам дека се чувствувате полошо од мене, јас се чувствувам подготвен за тренинг со момците“, ги пренесе данскиот селектор зборовите на својот репрезентативец.
Додаде и дека Данецот е во добра состојба.
„Кристијан е во добро расположение и играчите чувствуваат големо олеснување по сета оваа неизвесност. Нема дилеми дека бевме на работ“.
На никому уште не му е јасно како дојде до тоа Ериксен да биде животно загрозен. Единствената логична претпоставка дека претрпел огромен напор поради исклучително долгата сезона, што е големо предупредување за челните луѓе на европскиот и светскиот фудбал.
Докторот на данската репрезентација Мортен Боесен потврди дека срцето на Ериксен запрело на кратко.
„На момент не беше со нас. Почнавме со реанимација, тоа беше срцев застој. Колку блиску бевме до тоа да го загубиме? Не знам, но знам дека го вративме по првата употреба на дефибрилаторот, што е многу брзо“.
Истакна дека во досега изведените анализи нема никакви проблеми, како и дека причината за срцевите проблеми и понатаму е непозната.
„Сите прегледи кои досега беа направени дадоа добри резултати. Се уште нема објаснување зошто се случи“.